Здравство

Тројца новозаболени од западнонилска треска

29.07.2026 20:38

Уште три нови случаи на заболени од западнонилска треска. Меѓу нив и пациенти кои не патувале надвор од Македонија. Епидемиологот Даниловски предупредува – вирусот циркулира локално. Тешките случаи се само врвот на епидемиолошката „санта мраз“, бројот на асимптоматски инфекции и на лесни случаи кои не завршиле во болница останува непознат.

Три нови случаи на западно нилски вирус во Македонија. Дел од инфицираните лица, воопшто не ја напуштале земјава, информира министерот за здравство Сашо Клековски. Додава дека преземени се сите неопходни мерки, а се врши и мапирање.

Неколкуте регистрирани случаи на западнонилска треска во Македонија може да бидат само врвот на потенцијалната епидемиолошка „санта мраз“, алармираат здравствените работници. Епидемиологот Драган Даниловски предупредува дека дури 80% од инфицираните случаи се асимптоматски, 20-тина% пројавуваат фебрилна болест, а само кај 1% се појавуваат посериозни компликации.

Од особен ризик се лицата во поодмината возраст и оние со хронични и имунолошки нарушувања, вели Даниловски.

Министерството за здравство е во постојана комуникација со Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел следење на состојбата со комарците во Македонија.

Марија Котовска