Гостивар

Гостивар и натаму без вода за пиење, квалитетот се подобрува, но забраната останува

29.07.2026 17:01

Жителите на Гостивар и натаму без вода за пиење. Неизвесно е дали ќе протече од чешмите до крајот на неделава. Иако анализите покажуваат дека квалитетот се подобрува, во системот пронајдена нова бактерија. Во меѓувреме, на преглед се јавиле нови 70-ина пациенти со симптоми. Епидемијата се смирува, но не е завршена...

Квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, но забраната за пиење останува. Фекалните бактерии се елиминирани од водоводната мрежа, но при хиперхлорирањето и прочистувањето е пронајдена друга бактерија, бидејќи инсталацијата долго време не се користела. Анализите продолжуваат.

„Во инсталацијата веќе ги нема оние фекални колиформни бактерии, но се појави нова резидуална бактерија која е присутна поради тоа што долго време инсталациите не биле користени, па сега со прочистувањето и хиперхлорирањето се појавува во нив. Очекувам и овој предизвик да биде надминат, по што конечно ќе се одобри водата и за пиење и за готвење“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Во последново деноноќие е регистриран 71 нов случај. Епидемијата се смирува, но здравствените власти велат дека ќе се смета за завршена кога анкетите со пациентите ќе покажат дека нема повеќе заболувања, поврзани со градскиот водовод.

„Оваа бројка на нови болни може да биде од сосема други причини. Ваквото намалување сметам дека е резултат на подобрување на квалитетот на водата во градскиот водовод, бидејќи веќе неколку дена таа соодветно се хлорира“, истакна министерот за здравство, Сашо Клековски.

Армијата останува во Гостивар. И натаму обезбедува техничка вода со цистерни и друга опрема. Министерот Мисајловски дециден – нема лимит за времетраењето на ангажманот на војската.

„Ќе бидеме постојано таму иако техничка вода веќе има. Во зависност од потребата на управувачкиот комитет, на секој еден граѓанин во Гостивар ако има потреба се разбира, Армијата ќе остане таму“, рече Мисајловски.

Политичките обвинувања продолжуваат. СДСМ бара кривична одговорност за труењето во Гостивар.

„Јавноста и денеска нема добиено, нема видено официјален потпишан извештај за анализите на таканаречената техничка вода. Кој институт ги изработил анализите, кој го потпишал извештајот, кој ја одобрил употребата на водата“, изјави Богданка Кузеска – СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, прстот го впери кон Филипче. Од партијата велат, уште во 2021 година имало 400 пријави од гостиварци за неквалитетна вода, а тоа се криело.

„Скоро 400 испитувања на водата во период кога Венко Филипче е министер за здравство и СДС е власт, покажале дека граѓаните пијат неисправна вода и тогашната власт не само што не преземала ништо за тоа, туку и го сокрила овој податок од граѓаните“, изјави Никола Мицевски - ВМРО – ДПМНЕ.

Во Гостивар и натаму се на сила кризната состојба и епидемија.

Епидемијата во Гостивар се смирува – сега фокусот на матичните лекари треба да биде на дијагностицирање болести кои можат да се појават – како хепатит А и хепатит Е.

Андријана Ѓурческа