И натаму молк за специјализираните спортски канали
И натаму молк од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за функционирањето на специјализираните спортски канали. Останува отворено прашањето, кој го емитува сигналот што македонските оператори го реемитуваат?

Осми ден прашање, осми ден молк – дали Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, почитувајќи го јавниот интерес може да ни ги достави на увид документите за реемитување на програмата на Арена М Премиум? Во очекување на одговорот, Македонската телевизија потсетува дека според Законот за аудиовизуелни медиумски услуги:
„Реемитување на програмски сервиси е јавна електронска комуникациска услуга која ја обезбедува оператор на јавна електронска комуникациска мрежа и претставува примање и истовремено пренесување на радио или телевизиски програмски сервиси во целост и без каква било модификација во нивната програмска содржина, што радиодифузерите ги емитуваат за прием од страна на јавноста“.
Информиравме и дека Европската регулатива, преку Европската конвенција за прекугранична телевизија, бара каналот и програмата што се реемитува да е вистинска, потврдена и законски регистрирана услуга што потекнува од друга држава, по што останува отворено прашањето – кој го емитува сигналот што македонските оператори го реемитуваат кога не постојат програмски сервиси регистрирани како Арена М Премиум 1,2 и 3?
Македонските оператори на своите претплатници им ги доставуваат трите специјализирани Арена М Премиум канали, а во нивните електронски програмски водичи овие три канали се заведени како Арена Премиум 1, 2 и 3 што ја поставува дилемата – дали тоа значи дека основните програмски пакети и договори за реемитување поднесени до Агенцијата за медиуми се правно поврзани со стандардните српски лиценци и програми на Арена Премиум 1,2 и 3, а не со Арена Премиум со префикс М?
Дали ААВМУ смета дека физичкото емитување на изменет канал со различно име од тоа што се евидентира во програмските водичи е кршење на регистарот и зошто надзорот на програмата на агенцијата не го забележува очигледното несовпаѓање помеѓу она што е одобрено на хартија и она што е активно на екранот?
Миле А. Ристески
