Синиот јазик предизвика сериозни проблеми кај сточарите

26.09.2014 17:03

Во понеделник ветеринарите од регионот ќе ги сумираат резултатите за бројот на загинати, но и заболени овци од оваа заразна болест. Одгледувачите на овци велат, досега немале ваква катастрофа...

Над илјада македонски сточари се погодени од болеста син јазик од која им угинале 6.000 грла. Најпогодени се стадата во Малешевијата и во штипско. Во струмичкиот регион полека се сузбива оваа фатална болест која ги покоси овците. Во понеделник ветеринарите од регионот ќе ги сумираат резултатите за бројот на загинати, но и заболени овци од оваа заразна болест. Одгледувачите на овци велат, досега немале ваква катастрофа.

„Имаме големи проблеми со стоката. Ова е голем проблем, кој досега не сме го имале. Секој ден ни се заболуваа по 3-4 овци кои ги фрламе, вели сточар од Злеово.

Ветеринарите посочуваат дека барем во струмичкиот регион нема да има фатални последици врз добиточниот фонд. Иако болеста дејствува на плодноста, нема да има големи турбуленции врз бројот на јагниња.

Сега што одат за колење мора да одат во регистриран кланичен оибјект и со решение од ветеринарниот инспектор, кое мора да биде прегледано и термометрирано, вели Боре Стојанов, ветеринар.

Од кланиците кои ги контактираше МТВ велат дека сега е рано да се предвиди дали ќе имаат недостиг на суровина од месо. Сезоната за јагниња започнува во март и тогаш ќе се види дали и колку болеста ќе влијае врз количините месо, а со тоа и врз цената.  Сепак, велат дека не очекуваат некое поголемо влијание врз добиточниот фонд.

Од Ресорното министерство и од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека будно ја следат состојбата и најавуваат мерки за засилена борба против болеста и обештетување на сточарите.

Катерина Давчева