САД и Иран разменија нови напади во регионот
САД почнаа моќни напади врз Иран по обидот за напад врз американски војници. Најновите непријателства се случија еден ден по проширувањето на конфликтот, со американско-саудиски напади, насочени кон иранските посредници во Ирак...

Разгорувањето на конфликтот на повеќе фронтови на Блискиот Исток, по неколку дена релативен мир, го зголеми ризикот од враќање кон тотална војна. САД почнаа моќни напади врз Иран по обидот за напад врз американски војници. Најновите непријателства се случија еден ден по проширувањето на конфликтот, со американско-саудиски напади, насочени кон иранските посредници во Ирак. Напади со беспилотни летала предизвикаа пожари на два брода за природен гас во египетското пристаниште Дамиета, во сопственост на САД и на Грција. Нема пријавени повредени. Шефот на Белата Куќа вети одмазда.
„Бев брифиран. Ова ќе биде исправено. Во меѓувреме, ќе ги удираме многу силно затоа што е наш ред да ги удриме. Тие знаат дека тоа доаѓа. Не замолуваат да не го правиме тоа. Значи, наш ред е и ќе видиме дали ќе постигнеме договор во одреден момент. Но, ќе ги погодиме многу силно“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Обединетите нации ги повикаа сите страни во конфликтот меѓу САД и Иран да престанат со борбите и повторно да се вратат на дипломатските разговори.
„Генералниот секретар веќе некое време е загрижен дека ако страните не се вратат на преговорите, може да има проширување на конфликтот, и тоа се чини дека се случува во последните часови. Тој веќе јасно ги искажа своите загрижености за какви било обновени борби и каква било ескалација и проширување на конфликтот“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на ООН.
