Француска вечер со квартетот „Хермес“ на „Охридско лето“
Во црквата „Св. Софија“ утревечер во 21 часот, во рамките на Француската вечер на „Охридско лето“ концерт ќе одржи квартетот „Хермес“ во состав Омер Буше – виолина, Елисе Лиу – виолина, Лоу Јунг Хсин Чанг – виола и Јан Левионоа – виолончело.

Во црквата „Св. Софија“ утревечер во 21 часот, во рамките на Француската вечер на „Охридско лето“ концерт ќе одржи квартетот „Хермес“ во состав Омер Буше – виолина, Елисе Лиу – виолина, Лоу Јунг Хсин Чанг – виола и Јан Левионоа – виолончело.
Квартетот „Хермес“, именуван според познатиот гласник од грчката митологија, својата музичка уникатност ја градат преку тоа што се обидуваат да бидат „проводници“ на музичките идеи на композиторите и нив да ги спојат со сензибилитетот на публиката. Нивниот идентитет го градат преку бројните патувања и настапи насекаде низ светот. „Карнеги хол“ во Њујорк, Забранетиот град во Пекинг, „Вигмор хол“ во Лондон се само некои од местата во кои настапиле и кои суштински влијаеле врз нивниот развој како ансамбл. Настапуваат на фестивалите во Нант и во Рок Антерон, во Мекленбург-Форпомерн, на Фестивалот за камерна музика во Мантова и на фестивалите во Мароко и во Холандија. Квартетот е формиран во 2008 година на Конзерваториумот во Лион, каде студирале со членовите на квартетот „Равел“, а подоцна се усовршувале низ соработките со квартетите „Изаи“ и „Артемис“, како и со Еберхард Фелц и Алфред Брендел.
Тие имаат широк репертоар и нивните соработки вклучуваат концерти со: Јо-Јо Ма, Никола Ангелич, Грегор Сигл, Павел Колесников, Ким Кашкашијан, Ан Гастинел и со квартетите „Ебене“ и „Аурин“.
Победници се на бројни натпревари, меѓу кои Меѓународниот натпревар во Женева, аудициите за млади музичари во Њујорк и др. Биле резидентен квартет во Капелата за музика „Кралица Елизабета“ во Брисел од 2012 до 2016 година, а се квартет поддржан од Фондацијата „Сигнер-Полињак“ од 2019 година.
Соработуваат со издавачката куќа „Ла долче волта“ и за истата го снимаат комплетниот опус за квартет на Роберт Шуман, како и албумот посветен на творештвото на Равел, Дебиси и Дитје.
Нивното издание со квартетите од Франц Шуберт, „Розамунда“ и „Смртта и девојката“ ја добива наградата „Шок класика“, како и трофејот „Радио класик“ во 2022 година. Последниот албум „Ехо на Виена“ издаден во 2026 година е одлично примен од стручната критика. Од 2018 година заедно со хармоникашот Фелисиен Брут и со контрабасистот Едоард Макарес формираат секстет и заедно го издаваат првиот албум за Мираре во 2019 година.
Јан Левниоа свири на инструмент изработен од Давид Течлер во 1703 година кој му е даден на користење од страна на приватни донатори.
