Гостивар

Сѐ уште неизвесно кога гостиварци повторно ќе добијат безбедна вода

30.07.2026 20:00

Анализите на водата од градскиот водовод во Гостивар ќе продолжат и за време на викендот. Останува неизвесноста кога граѓаните на Гостивар повторно ќе добијат безбедна вода, откако надлежните открија нова бактерија. „Сакаме да бидеме максимално сигурно пред да дозволиме водата да се употребува за пиење и за подготовка на храна“, вели Клековски.

Анализите на водата од градскиот водовод во Гостивар ќе продолжат и за време на викендот. Неизвесноста останува кога граѓаните повторно ќе добијат безбедна вода, откако надлежните открија нова бактерија. Здравствените власти не сакаат да шпекулираат со рокови – секојдневно се земаат примероци за лабораториски анализи од повеќе точки во градот, забраната останува на сила сè додека не се добијат три последователни исправни резултати.

„Сакаме да бидеме максимално сигурно пред да дозволиме водата да се употребува за пиење и за подготовка на храна. Се следат пробите, ќе продолжат и во текот на викендот, секој ден од повеќе кориснички места се земаат проби, во моментот кога три едно по друго проби ќе бидат соодветни за пиење ќе биде ставен водоводот во употреба. Тоа што е важно е дека сега водата може да се употребува за други намени но не и за пиење и подготовка на свежа храна“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.

Во изминатото деноноќие – 73 луѓе со стомачни мачнини што се поврзуваат со загадената вода побарале медицинска помош во здравствените установи во Гостивар. Епидемијата се смирува, но сè уште не може да се смета за завршена.

Пристапот до чиста вода и санитарни услови е основно човеково право – потсетуваат правните експерти. Според нив потребен е протокол за управување со кризи при водоснабдување. При вакви ситуации граѓаните имаат право на правна заштита.

„Повеќе од 50-тина граѓани испратија информации во кои информираат што им се случувало, резултати од лабораториски испитувања, дека немаат пристап до вода, бараат соодветни услови за живот особено на овие високи температури“, рече Наташа Доковска Спировска – НВО „Новинари за човекови права“.

„По воспоставување одговорност брз основа на сите релевантни докази кои ќе ги обезбеди основното јавно обвинителство, се утврдува одговорност и потоа граѓаните можат да бидат обесштетени врз основа на тоа што им е наштетено тоа е процес кој се доставува до граѓански суд за обештетување, а доколку се работи за сериозни нарушувања на здравјето влегува во кривична одговорност“, изјави Срџан Амет – адвокат и активист.

Повеќе од две недели водата во Гостивар е забранета за пиење, а веќе неколку дена се користи исклучиво како техничка. Од почетокот на кризата повеќе од 4.300 граѓани побарале лекарска помош со стомачни мачнини што се поврзуваат со загадената вода.

Андријана Ѓурческа