СОНК без поддршка од КСС
Од КСС со апел СОНК да не предизвикуваат последици во воспитно-образовниот процес и образовниот систем во земјава...

СОНК не ја презема обврската и нема да покрие никакви дневници за наставниците што ќе штрајкуваат . Според Колективниот договор, им следуваат само придонеси. Организаторот на штрајкот е должен да надомести плата.
„СОНК нема да покрие никакви дневници бидејќи тоа е должност на работодавецот“, рече Јакум Неделков, претседател на СОНК.
Неделков не прецизира дали повикот за штрајк е дел од неговата предизборна трка и обид за повеќе поени кај членството со цел негово повторно предлагање, затоа што како што вели, имало уште многу време за кандидирање.
Надлежните информираат дека родителите не треба да се грижат. Наставата ќе продолжи, а ќе ја водат заменски наставници, со цел учениците да не го прекинат образовниот процес. Правната регулатива предвидува наставата да не биде во застој и да не бидат злоупотребени децата поради штрајк.
Уште три гранкови синдикати на Конфедерацијата на самостојни синдикати не му дадоа зелено светло на штрајкот. Со тоа СОНК не доби поддршка од ниеден гранков синдикат на КСС.
„Поради јасно изразеното самоволие и обид за превласт на СОНК, не ја прифаќаме одлуката на неговото најтесно раководство за организирање на генерален штрајк во областа на образованието“, рече Димче Дамчевски од КСС.
Од КСС, со апел, СОНК да не предизвикуваат последици во воспитно-образовниот процес и образовниот систем во земјава.
„Претседателот Јаким Неделков мора да ја промени тактиката на дејствувањето. Девијантството изразено преку притисок и закани врз своите членови кои не го поддржуваат штрајкот, нема да го промени статусот на просветните работници.Тоа може да се постигне единствено преку социјален дијалог кои сите ние гранкови синдикати, вклучително и СОНК досега сме го применувале и сме сведоци на постигнатите резултати“, рече Љубе Стојковски, генерален секретар на КСС.
Штрајк во Радовиш ќе нема во интерес на наставниот процес.
„Во врска со најавениот генерален штрајк на СОНК в понеделник по опсежните анализи и размислувања, синдикалните организации во основните и средните училишта на СОНК од Радовиш кои припаѓаат под регион Струмица,се со заеднички став дека штрајкот во овие синдикални организации е непотребен. Односно штрајкот во Радовиш нема да се одржи во интерес на учениците и родителите и наставно-воспитниот процес“, рече Спасо Анѓелов, претседател на Основна синдикална организација -Радовиш- ОУ Орце Николов с.Инево.
СОНК досег не доби поддршка ниту од синдикалните организации од Штип, Велес, Охрид, Другово и Битола.
И граѓанската организација „Надеж“ денеска најостро ги осуди актуелните случувања и превирања во областа на образованието во државата, кои, според нив, директно ги засегаат и нанесуваат штета на воспитно – образовниот процес на учениците.
Од оваа невладина организација со апел до СОНК да не ги злоупотребуваат децата за лични и скриени цели.
„Загрижени сме и затоа апелираме до СОНК - децата настрана од вашите нелогични идеи и затскриени намери! Децата подалеку од политиката и политикантството! Нивното место е во училишните клупи, сега и секогаш во иднина! Нашите деца одат и ќе продолжат да одат на училиште“, се вели во соопштението од НВО „Надеж“.
Наташа Гркова- Петрушевска
