Охрид

Охрид преполн со туристи за продолжениот празничен викенд

31.07.2026 18:48

Илинденскиот викенд започна, Охрид го живее најфреквентниот период од туристичката сезона. Од раните утрински часови на влезовите во градот се создаваат колони возила, шеталиштето, плажите и угостителските објекти се преполни со гости...

Илинденскиот викенд и годинава го донесе најголемиот туристички бран во Охрид. Илјадници домашни и странски туристи веќе пристигнаа во градот, колони возила на влезовите, преполни плажи, исполнето шеталиште и речиси целосно пополнети хотелски и угостителски капацитети.

Во пресрет на најфреквентниот викенд од летната сезона, локалната самоуправа уверува дека сите надлежни служби се целосно подготвени за пречекот на туристите.

„Уште од вчера, а особено денес, забележливи се сериозни проблеми во сообраќајот, што значи дека голем број туристи веќе пристигнаа. За претстојниот викенд, но и за први, втори август и останатите денови, кои традиционално се најфреквентни и најпосетени, се очекува уште поголем број гости. Сите служби се максимално подготвени – полицијата ќе се грижи за безбедноста, а јавните претпријатија и службите под надлежност на локалната самоуправа ќе бидат целосно ангажирани“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

За одржување на јавниот ред и мир и безбедноста на туристите ангажирани се зголемен број полициски службеници. На терен работат и полицајци од други градови, како и нивни колеги од Србија, кои и ова лето ќе бидат дел од заедничките патроли.

„Нивното присуство ќе биде прилагодено на активностите што ќе се одвиваат на терен и на местата каде што има поголема фреквенција на луѓе. Тоа се централното градско подрачје во текот на целиот ден, плажите, дел од приградските населби, паркинг-просторите, како и локациите каде што се најавени концерти. Ова лето во Охрид ќе се одржат бројни концерти и токму таму ќе биде засилено нивното присуство“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Дел од камерите на Безбеден град, се веќе во функција, наскоро ќе работат сите, со што ќе се засилат сообраќајните контроли и ќе се зголеми безбедноста во екот на туристичката сезона.

Соња Рилковска