Пожари

ДЗС: Алармот е вклучен, огнените тимови се подготвени

31.07.2026 14:33

Земјава влегува во период со исклучително висок ризик од пожари по најавите за топлотен бран и температури над 40 степени. Граѓаните да бидат максимално претпазливи – апелираат од Дирекцијата за заштита и спасување. Со показна вежба во која беа вклучени искусните поранешни припадници на полицијата и Армијата и пренаменетите специјални возила се демонстрираше подготвеноста за навремена реакција на разгорени подрачја.

Метеоролошките најави за претстојни температури и над 40 степен во земјава ги мобилизира дополнително противпожарните служби и институциите. Преку показна вежба 40 возачи и оператори, со пренаменетите специјални возила БТР-80 и пинцгауери, ги прикажаа нивните менаварските карактеристики и можностите на Дирекцијата за заштита и спасување. Добар дел од нив се управувани од поранешни припадници на полицијата и на Армијата, добро подготвени за одговор на евентуални пожари и од поголеми размери. Огнени тимови ќе дејствуваат во првиот одговор, уверува директорот Ангелов.

По потреба се користат и ер тракторите, но алармантна е ситуацијата, бујната вегетација која се суши е ризичен предуслов за пожар, па првиот човек на ДЗС, Ангелов, упатува апел за одговорност до граѓаните. Не фрлајте отпушок, дури ни тогаш кога мислите дека е изгасен. Земјоделците да не палат стрништа, да не се работи со алати кои искрат, околу куќите да се направат земјени појаси за заштита.

Доброволните пожарникари ќе се вклучат исто така во гасење на шумските пожари во координација со професионалците, вели Ангелов. Само во последните две недели пожарите што беснееја во Европа и на балканот проголтаа близу 200.000 хектари шума, а имаше и пет загубени човечки животи. Во земјава дел од пожарите се локализирани еден од нив сè уште е активен.

Фиљана Кока