Постигнат е договор за целосно разоружување на Хамас, објави шефот на Белата куќа
Постигнат е договор за целосно разоружување на Хамас и другите вооружени групи во Газа, објави шефот на Белата куќа. Од милитантната група велат дека мора да се осигурат оти Израел ќе ги исполни обврските и ќе се повлече од територијата. Пакистан прави напори за да ги врати САД и Иран на разговори во рамките на меморандумот за разбирање.Во последната размена на оган во регионот на Блискиот Исток пријавени цивилни жртви и штети на инфраструктурата...

Газа е на чекор кон трајно смирување на конфликтот и спроведување на планот на Трамп од 20-точки. „Одборот за мир“ постигна договор за целосно разоружување на Хамас и другите вооружени групи во крајбрежниот појас, објави американскиот претседател. Оружјето ќе биде евидентирано и складирано под надзор на нова палестинска администрација, додека процесот ќе го следи независен механизам. Од милитантната група велат дека мора да се осигураат оти Израел ќе ги исполни обврските.
„Договорот ќе се спроведува во внимателно структурирани фази. Како што ќе се заврши разоружувањето, израелските сили ќе се повлечат, а Меѓународните сили за стабилизација ќе соработуваат со нови палестински полициски сили за да ја преземат одговорноста за безбедноста на Газа за нејзините жители и нејзините соседи“, се вели во соопштение на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Од друга страна, Пакистан тврди дека прави напори за да ги врати САД и Иран на разговори во рамките на Меморандумот за разбирање потпишан кон средината на јуни.
„Преговорите меѓу страните се во тек за нормализирање на ситуацијата, особено во Ормускиот теснец, како и за деескалација. Правиме се што можеме за да ги вратиме страните во Меморандумот за разбирање од Исламабад во согласност со Заедничката изјава на Пакистан и Катар од 21 јуни 2026 година“, изјави Тахир Андраби, портпарол на МНР на Пакистан.
Во последната размена на оган, на Блискиот Исток се пријавени цивилни жртви и штети на инфраструктурата во Египет, Кувајт, Саудиска Арабија, како и во Иран.
„OCHA продолжува да го следи хуманитарното влијание и ги повикува сите страни да ги почитуваат своите обврски според меѓународното хуманитарно право, вклучително и со заштита на цивилите и виталната цивилна инфраструктура“, изјави Фархан Хак, портпарол на ООН.
Аналитичари предупредуваат дека војната меѓу САД и Иран е во критична точка со потенцијал за понатамошна ескалација.
„Природата на тековната војна што почна на 28 февруари помеѓу Иран, САД и Израел е мобилна, може да се прошири, неконтролирана. И како што покажаа настаните во претходните денови и недели, ќе биде многу покомплицирана и повремено надвор од контрола. Ова не е војна што може да спаѓа во категоријата на управувани ескалации“, изјави Арман Махмудијан, од Институтот за глобална и национална безбедност на Универзитетот во Јужна Флорида.
Од Техеран велат дека Ормускиот теснец останува затворен сè додека Вашингтон продолжува со нападите. Во исто време, Саудиска Арабија формираше воен сојуз од 14 држави за заштита на поморскиот сообраќај во Црвено Море и теснината Баб ел-Мандеб по нападите од јеменските Хути.
Маријана Димовска
