Политика

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања по прогласувањето на епидемијата во Гостивар

31.07.2026 18:02

Целиот случај со водата во Гостивар покажува максимално несериозна импровизација и задоцнета реакција – рече на брифингот со новинарите, лидерот на СДСМ. Филипче нагласи дека особено загрижува препораката за користење „техничка вода“. Премиерот Мицкоски од собраниската говорница, пак, укажа дека додека бил Филипче министер за здравство, 400 анализи укажале дека во неколку водоводни системи водата била загадена...

Целиот случај со водата во Гостивар покажува максимално несериозна импровизација и задоцнета реакција – рече на брифингот со новинарите, лидерот на СДСМ. Филипче нагласи дека особено загрижува препораката за користење „техничка вода“, без јавноста да добие одговор, кој дал зелено светло и дали водата е навистина безбедна.

„Вие имате вода која е загадена со колиформни бактерии, која не само што не е за пиење, не е ни за туширање, и се дава препорака да се користи, замислете, како техничка вода. Како ќе ја користат? Од каде е техничката вода? Која контролира техничката вода? Од каде имаат рестораните техничка вода? Храна се мие со таа вода во рестораните за свадби. Кој ја контролира таа вода?“, рече лидерот на СДСМ.

И додека Филипче прашува дали некој ги исконтролирал бунарите покрај Лепенец со кои се надополнува водата во Рашче, премиерот Мицкоски од собраниската говорница укажа дека додека бил Филипче министер за здравство, 400 анализи укажале дека во неколку водоводни системи водата била загадена.

На ова Филипче кусо одговори – во мое време немаше заразени. ВМРО-ДПМНЕ ги посочуваат системите во Студеничани, Зелениково, Петровец и Крушево дека во времето на СДСМ биле загадени, покрај со колиформни бактерии, некаде имало и ешерихија коли.

Власта и опозицијата и натаму продолжуваат со меѓусебни обвинувања по прогласувањето на епидемијата и на кризната состојба во Гостивар.

Миле А. Ристески