Македонија

Мицкоски за враќањето на пасошот на Марковски: Ова нема така да заврши, лично ќе го следам овој случај

31.07.2026 17:48

Враќањето на пасошот на обвинетиот бизнисмен и почесен конзул, Борче Марковски го вклучи алармот. Премиерот Мицкоски препозна груба манипулација од локалниот виш јавен обвинител. Очекува истрага и порача дека лично ќе го следи случајот...

По одлуката за враќање на пасошот на битолскиот бизнисмен и конзул во Белорусија, Борче Марковски, и неговото заминување во Србија, премиерот Мицкоски со остри обвинувања, посочувајќи дека во целиот процес е вмешано битолското Вишо јавно обвинителство. Побара истрага за одговорност. Вели дека детално го анализирал случајот и открил сериозни отстапувања и спротивставени извештаи меѓу Основното и Вишото обвинителство.

„Ова нема така да заврши, ова лично јас ви го гарантирам и лично ќе го следам целиот процес поврзан со овој случај“, изјави Мицкоски.

Борче Марковски не побегна од државата и на 1-ви август ќе се врати од Србија, каде што имал неодложни работни состаноци, поврзани со компанијата која ја управува таму, тврди неговиот адвокат Марјан Николоски.

Битолскиот бизнисмен е обвинет за злоупотреби со тендери во РЕК „Битола“ вредни 1,7 милиони евра. Од државава заминал преку граничниот премин „Табановце“ откако претходно Струшкиот суд му го врати пасошот, по приложената гаранција од речиси 5 милиони евра, во недвижен и движен имот.

За Марковски и уште седум физички лица, и неговата компанија како правно лице, обвинети за злоупотреби со тендери за дислокација на погонските станици од рудникот Осломеј во рудниците во Битола, судското рочиште е закажано за 2-ри септември. Битолскиот бизнисмен беше уапсен лани во октомври, а од притвор беше пуштен во јануари годинава.

Милчо Велески