Време

Пеколни горештини до крајот на следната седмица, здравствените власти со препораки

01.08.2026 09:22

Под влијание на топла воздушна маса од југ, Македонија ја очекува сончево и исклучително топло време во текот на продолжениот викенд и до крајот на следната седмица. Институтот за јавно здравје апелира граѓаните да избегнуваат престој на отворено од 11 до 17 часот, да внесуваат доволно течности и строго да ги почитуваат препораките, особено лицата од ранливите категории.

Под влијание на топла воздушна маса од југ, времето во земјава во текот на продолжениот викенд и до крајот на следната седмица ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност. Високите температури ќе се задржат и во вечерните и ноќните часови.

За денеска се прогнозира максимална дневна температура од 33 до 39 степени, со слаб до умерен ветер од променлив правец.

Поради високите температури, Институтот за јавно здравје препорачува да не се престојува на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да се носи лесна и светла облека, капа и заштитни очила, како и да се внесуваат доволно вода и минерални безалкохолни пијалаци. Се советува да се избегнуваат алкохол, кофеин, многу студени пијалаци, како и масна и висококалорична храна.

Посебна претпазливост се препорачува за лицата постари од 60 години, бремените жени, децата, хронично болните, работниците кои работат на отворено и другите ранливи категории. Тие треба редовно да ја земаат пропишаната терапија и при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со матичен лекар.

Доколку се појават симптоми како зашеметеност, слабост, силна жед, главоболка или мускулни грчеви, потребно е лицето веднаш да се премести на постудено место, да внесе течности и, доколку симптомите не се повлечат, да побара лекарска помош.