Големиот мигрантски бран во Шпанија го вклучи алармот во Европа
Најголем дел од мигрантите што влегоа во Сеута по морски пат, се вратија во Мароко. Според шпанското МВР станува збор за околу 50.000 луѓе. Службите за спасување нотираат десетици загинати. Италија и Франција ги враќаат граничните контроли, владата во Мадрид децидна-почитувањето на европските договори и фактите не е избор.

Мигрантска криза ја тресе Европа. Италија не отстапува од привремено враќање на граничните контроли на авионските и поморските врски со Шпанија. И Француските власти наредија засилени гранични проверки на француско-шпанската граница, по преминувањето на десетици илјади мигранти во Сеута, шпанска енклава во северна Африка. Владата во Мадрид испрати писмо до европските институции поради реакцијата на одредени европски влади.
„Со оглед на ситуацијата во Сеута, имаме засилени проверки на внатрешните граници, на француско-шпанската граница, на барање на министерот за внатрешни работи. Ова е мерка на претпазливост. Операцијата се спроведува на терен од страна на полицајци и како и од воздух. Ќе имаме дополнителни беспилотни летала и авиони за надзор“, изјави Пјер Рењо де ла Мот, префект на департманот Пиринеи-Ориентали.
„Владата одлучи привремено да го суспендира режимот на слободно движење предвиден со Шенген во поморските и воздушните врски со Шпанија, повторно воведувајќи гранични контроли. Ова е вонредна мерка, донесена за заштита на националната безбедност“, објави премиерката на Италија, Џорџа Мелони.
Најголем дел од лицата што влегоа во Сеута, се вратија во Мароко. Според шпанското МВР станува збор за околу 50 илјади луѓе, додека локалните власти во енклавата велат дека бројката била повисока, односно околу 60 илјади, што е еднакво на речиси 70 насто од постојаното население на градот. Службите за спасување нотираат десетици загинати во обид да стигнат во енклавата, се стравува дека бројот може да биде поголем. Мароканската полиција приведе 70 лица под сомнение за вмешаност во насилни инциденти.
„Сеута е шпански град и она што се случи заслужува секаков наш прекор, секаква наша осуда на најсилниот можен начин и осуда за кршењето и нападот врз територијалниот интегритет на еден шпански град каков што е Сеута“, рече Педро Санчез, премиер на Шпанија.
Аналитичари велат дека миграцијата би можела да стане тема број еден на следните избори во Шпанија, откако и американскиот претседател Трамп истакна дека и САД би можеле да доживеат бран мигранти како во Сеута ако републиканците не победат на изборите.
„Мислам дека ова е особено тежок момент за Педро Санчез, бидејќи тој вложи таков напор да го изнесе другиот аргумент за миграцијата, што може да биде економски позитивна и се обиде да регулира приближно половина милион мигранти. Станува збор за обид миграцијата да стане тема број еден за дискусија на општите избори, кои мора да се случат во суштина во следните 12 месеци“, изјави Николас Лоули, аналитичар.
Во исто време, мигрантската криза повторно ги зголеми тензиите помеѓу Шпанија и Израел, а според Мадрид истата е дел од поширока геополитичка борба. Односите меѓу двете земји значително се влошија по почетокот на војната во Појасот Газа. Шпанија е меѓу европските земји кои беа најкритични кон израелската воена кампања, а во мај 2024 година ја признаа државата Палестина.
Маријана Димовска
