Епидемијата во Гостивар е под контрола, нема нови случаи на западнонилска треска
Состојбата со епидемијата во Гостивар е стабилна, а досега нема нови лабораториски потврдени случаи на западнонилска треска, информира Министерството за здравство. Надлежните институции продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор.

Министерството за здравство соопшти дека состојбата со епидемијата во Гостивар останува стабилна и дека континуирано се следи од надлежните здравствени институции.
На 31 јули биле регистрирани 60 први прегледи, што е значително помалку во споредба со пикот од 18 јули, кога биле евидентирани 649 прегледи. Од 14 до 31 јули се регистрирани вкупно 4.543 први прегледи, примени се 1.028 формални пријави за заразна болест и изработени се 730 нови епидемиолошки анкети, со опфат од 71 процент.
Во однос на западнонилската треска, до Институтот за јавно здравје нема новопријавени лабораториски потврдени случаи. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани тројца пациенти кај кои постои сомнение за заболувањето, а се очекуваат резултатите од лабораториските испитувања.
Министерството за здравство, во координација со Институтот за јавно здравје и здравствените установи, најави дека ќе продолжи со засилен епидемиолошки надзор и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија.
