Сè уште неизвесно кога гостиварци ќе добијат чиста вода за пиење
Во Гостивар продолжува хиперхлорирањето на водоводната мрежа и земањето нови мостри од водата. Надлежните апелираат граѓаните и понатаму да не ја користат водата за пиење, додека здравствените власти паралелно ја следат состојбата и со западнонилската треска.

Експерти од Скопје вршат хиперхлорирање на водата во Гостивар. Во меѓувреме, тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство заедно со оние на Институтот за јавно здравје земаат нови мостри за испитување. Додека не се докаже дека е бактериолошки чиста, останува во сила забраната – водата да не се пие. Премиерот Мицкоски очекува добри вести наскоро, жителите да добијат питка вода во чешмите.
За едно деноноќие во градот се евидентирани 60 нови прегледи на пациенти кои се пожалиле на стомачни тегоби. Директорот на ДЗС Ангелов вели дека во цевките од водоводот сè уште е присутна бактерија и порача водата да се користи исклучиво како техничка.
И додека во Гостивар институциите се обидуваат да ја стават под контрола епидемијата поврзана со загадената вода, здравствените власти во Скопје паралелно следат и друга закана – западнонилската треска. На Инфективната клиника се примени тројца нови пациенти кај кои постои сомнение за вирусот.
„Во однос на западнонилската треска, до Институтот за јавно здравје нема новопријавени лабораториски потврдени случаи. На Клиниката за инфективни болести се примени тројца пациенти кај кои постои сомнение за заболувањето и за кои се очекуваат резултатите од лабораториските испитувања“, соопштуваат од Министерството за здравство.
Лабораториски потврдени со западнонилска треска во земјава се 13 лица. Од нив 10 се хоспитализирани на Инфективната клиника и од нив тројца се во критична состојба. Бидејќи половина од пациентите се од потегот во и околу Драчево, надлежните спроведоа вонредна дезинсекција против комарци, со цел да се спречи ширење на заразата.
Анита Димитријевска – Велковска
