МВР приведе 18 возачи за безобѕирно возење, 17 биле зад волан без возачка дозвола
Во изминатото деноноќие полицијата лишила од слобода 18 возачи поради безобѕирно управување со возило. Најголемиот дел од нив управувале без возачка дозвола, а еден возач под дејство на алкохол предизвикал и сообраќајна незгода.

Полициските службеници во текот на изминатото деноноќие лишиле од слобода 18 возачи на територијата на целата држава поради безобѕирно управување со моторно возило.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека 17 од приведените управувале возило без возачка дозвола. Петмина биле затекнати во Скопје, тројца во Прилеп, а по еден возач во Битола, Кочани, Делчево, Кичево, Валандово, Гевгелија, Велес, Неготино и на тетовското подрачје.
Еден возач, кој управувал под дејство на алкохол во селото Дулица, Општина Македонска Каменица, предизвикал сообраќајна незгода со материјална штета.
По целосното документирање на случаите, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР повторно апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, да не управуваат возило без возачка дозвола или под дејство на алкохол, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
