Празник

Македонија го одбележува Илинден – 123 години од Илинденското востание и 82 години од АСНОМ

02.08.2026 08:45

Со свечености во Крушево, Пелинце и Скопје, Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден, еден од најзначајните датуми во македонската историја. Годинава се навршуваат 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ.

Македонија денеска го одбележува националниот празник Илинден, во чест на двата клучни историски настани што ги поставија темелите на македонската државност – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.

Централната прослава традиционално се одржува во Крушево, каде што со положување цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на „Слива“, панихида во храмот „Св. Никола“ и свеченост на Мечкин Камен ќе биде одбележана годишнината од Крушевската Република. На собирот ќе се обрати потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, а предвидена е и културно-уметничка програма со настап на НУ „Танец“.

Во Скопје, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се обрати на свеченоста пред споменикот на Методија Андонов-Ченто и ќе положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Ченто.

Одбележувањето на годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе се одржи и во Меморијалниот центар во Пелинце, каде што ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.

По традиција, во битолското село Трново ќе се одржи и Светската македонска иселеничка средба, како и Пограничната средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Илинденското востание започнало на 2 август 1903 година, кога востаниците го ослободиле Крушево и ја прогласиле Крушевската Република, која опстојувала десет дена. Четириесет и една година подоцна, на 2 август 1944 година, на Првото заседание на АСНОМ биле донесени историски одлуки со кои биле поставени темелите на современата македонска држава, меѓу кои и воведувањето на македонскиот јазик како службен јазик и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот.

МРТ преку отвореното студио Илинден 2026 ќе ги пренесува сите настани во живо.