Сиљановска-Давкова: Илинден е најсветиот македонски ден, да ја градиме државата како дом на среќни граѓани
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 2 Август – Денот на Републиката, порача дека Илинден е симбол на вековната борба за слобода и државност и повика на заедничка борба за правна, демократска и европска Македонија.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, оценувајќи дека овој датум е „најсветиот македонски ден“ и симбол на вековната борба за слобода, државност и национален идентитет.
Во честитката таа потсетува дека на 2 август 1903 година македонската републиканска идеја се остварила преку Крушевската Република, а на истиот датум во 1944 година, со Првото заседание на АСНОМ, било реализирано правото на македонскиот народ на сопствена национална држава, во која се гарантираат и правата на малцинските заедници.
Сиљановска-Давкова истакнува дека во Илинден ја гледа „искрата на македонскиот револуционерен оган“, која им го осветлила патот на партизаните кон слободата, додавајќи дека празникот претставува симбол на решителност, храброст и подготвеност за лична жртва.
Во своето обраќање, претседателката нагласува дека Илинденската епопеја ги обврзува денешните генерации да бидат достојни наследници на делото на илинденците и асномците, поставувајќи го прашањето каква држава ќе им остават на идните генерации.
Таа повика граѓаните, без оглед на етничката, верската или политичката припадност, да се обединат во градењето на европска, демократска и правна држава, со силни институции, ефикасно владеење на правото, борба против корупцијата и криминалот, професионална администрација, развиено граѓанско општество и објективно новинарство.
„Да ја градиме македонската држава како дом на среќни граѓани. Честит Илинден“, порачува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката по повод Денот на Републиката.
