Македонија

Мицкоски од Пелинце: Илинден е завет што нѐ обврзува да ја чуваме слободата и државноста

02.08.2026 10:43

Премиерот Христијан Мицкоски, на свеченоста во Пелинце по повод 2 Август – Денот на Републиката, порача дека Илинден не е само историски датум, туку завет и карактер на македонскиот народ. Во обраќањето истакна дека Крушево и АСНОМ се две неразделни страници од истата државотворна приказна.

Илинден не е само датум, туку завет, карактер и најсилен доказ за стремежот на македонскиот народ кон слобода и државност, порача премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, по повод одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката.

„Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, можат да бидат напаѓани, можат да бидат предавани, можат да бидат потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски.

Во своето обраќање, Мицкоски нагласи дека двата Илиндена – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година – претставуваат единствен историски континуитет.

„Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку две страници од истата книга, напишана со вера, храброст и непоколеблива одлучност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна“, истакна премиерот.

Тој потсети дека во Крушево се родила идејата за слободата, а на АСНОМ таа добила своја државотворна форма. Притоа ги издвои Никола Карев и Методија Андонов-Ченто како личности што ги предводеле двата клучни историски процеса во создавањето на македонската државност.

Осврнувајќи се на Првото заседание на АСНОМ, Мицкоски рече дека меѓу најзначајните документи е Декларацијата за основните права на граѓаните, со која биле гарантирани основните слободи и права, вклучително и правото на глас, вероисповед и приватна сопственост.

Премиерот истакна и дека антифашизмот претставува трајна определба на македонската држава, нагласувајќи дека македонскиот народ и припадниците на сите националности во земјата со сопствени сили се избориле за слободата и ја поставиле основата на современата македонска државност.

На крајот од обраќањето, Мицкоски порача дека Илинденските идеали остануваат обврска за сегашните и идните генерации во зачувувањето на слободата, достоинството и државноста на Македонија.