Шпанија

Сеута се враќа во нормала по масовниот мигрантски бран

02.08.2026 12:26

Сеута полека се враќа во нормала по големиот бран мигранти. 48.000 луѓе се вратиле во Мароко по интервенцијата на шпанските власти. Владата во Мадрид реши со бариери и засилени патроли да ја чува морската граница. Масовниот мигрански бран предизвика тревога низ Европската унија. За во вторник, ЕУ свика итен состанок на министрите за внатрешни работи на блокот.

Шпанските власти се мобилизираа. Со бариери ќе се чува морската граница помеѓу северноафриканската енклава Сеута и соседното Мароко, бродовите на Цивилната гарда ги засилија патролите. Секојдневниот живот се обновува по неодамнешниот хаос и напливот на околу 60 илјади мигранти по копно и море. Жителите и сопствениците на бизниси се надеваат на долгорочно решение.

„Се пакувам. Затворам. Значи, не можам ништо да продадам. Владата ќе мора да го реши ова. Националната влада мора да преземе акција, а не администрацијата на Сеута. Сеута е Шпанија.“

„Решението не смее да дојде само од шпанската влада, туку мора да се реши на европско ниво. Мора да има контрола. Треба да знаеме кој влегува и како. И тоа мора да се направи легално. Бидејќи миграцијата останува неопходна, но не вака.“

48.000 мигранти се вратиле во Мароко, на патот кон европско тло загинаа десетици. Голем дел од повратниците се жалат дека останале без храна и можност да продолжат кон континентална Шпанија и да почнат нов живот во Европа. Мотивот за миграцијата биле видео-снимки на социјалните мрежи и погрешно толкувања на неодамнешната пресуда на Врховниот суд на Шпанија дека мигрантите пресретнати на море не можат да бидат вратени по брза постапка. Шпанското МВР ги обвини мрежите за криумчарење на луѓе за експлоатација на ранливите мигранти и ширење дезинформации.

„Рекоа дека границата на Шпанија е отворена. Дознав преку социјалните медиуми и од пријатели.“

„Дојдов сама. Никој не ми рече да дојдам. Дојдов да емигрирам, да изградам подобар живот за себе.“

„Имам 14 години и ќе наполнам 15 овој месец. И мојот брат дојде, но веќе си замина. Сега моите родители ми велат да се вратам затоа што нема ништо тука.“

Масовното преминување предизвика тревога низ Европската Унија, а 22 земји-членки заеднички побараа координирана акција за заштита на надворешните граници. Ирска, која во моментов претседатава со ЕУ, за во вторник свика итен состанок на министрите за внатрешни работи на блокот. Шпанскиот премиер Санчез, ја критикуваше одлуката на одредени земји – членки да ги вратат контролите на границите со Шпанија за еден месец. Сеута, заедно со Мелиља, ги претставува единствените копнени граници на Европската Унија со африканскиот континент.

Маријана Димовска