Празник

Македонската заедница во Србија го одбележа Илинден со изложба и културни манифестации

02.08.2026 18:39

Во Народниот музеј во Панчево беше отворена изложба по повод 80-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина, а во Јабука и во повеќе градови низ Србија се одржаа пригодни настани во чест на Илинден – Денот на Републиката и национален празник на македонското малцинство во Србија.

Во Народниот музеј во Панчево со изложба посветена на 80-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина, нашинците во Србија го одбележаа Илинден, Денот на Републиката, кој во Србија е и национален празник на Македонското малцинство.

Организатор на изложбата беше Македонскиот национален совет, а меѓу гостите имаше и Македонци кои како деца се доселиле во Србија, со сеќавања на одбележувањето на Илинден во минатото.

Во Јабука крај Панчево, населена со најголем број Македонци, традиционално, пред бистата на Гоце Делчев, пред истоименото училиште, од Македонскиот национален совет и повеќе македонски здруженија беа положени букети цвеќе и венци.

Во Јабука се одржа традиционалната манифестација „Тавче гравче“, а Македонците и во другите градови во Србија одржаа пригодни манифестации во чест на Илинден.

Оливер Бранковиќ