Мигрантската криза го тестира единството на ЕУ
Мигрантската инвазија во шпанската енклава Сеута го тестира единството во Европската унија. Во вторник, преку видеоконференција ќе одржи итен состанок на министрите за внатрешни работи, правосудство и миграциите на земјите-членки. Мадрид најави поставување бариера од 500-ни метри на морската граница меѓу шпанската енклава и Мароко.

Шпанските власти се мобилизираа. Со бариери ќе се чува морската граница помеѓу северноафриканската енклава Сеута и соседното Мароко, бродовите на Цивилната гарда ги засилија патролите. Секојдневниот живот се враќа во нормала по неодамнешниот хаос и напливот на околу 60 илјади мигранти по копно и море.
„Се пакувам. Затворам. Значи, не можам ништо да продадам. Владата ќе мора да го реши ова. Националната влада мора да преземе акција, а не администрацијата на Сеута. Сеута е Шпанија“
„Решението не смее да дојде само од шпанската влада, туку мора да се реши на европско ниво. Мора да има контрола. Треба да знаеме кој влегува и како. И тоа мора да се направи легално. Бидејќи миграцијата останува неопходна, но не вака.“
Мотивот за миграцијата биле видео-снимки на социјалните мрежи и погрешно толкувања на неодамнешната пресуда на Врховниот суд на Шпанија дека мигрантите пресретнати на море не можат да бидат вратени по брза постапка. Шпанското МВР ги обвини мрежите за криумчарење на луѓе за експлоатација на ранливите мигранти и ширење дезинформации.
„Продолжуваме да работиме на враќање на нормалноста што е можно поскоро. Ситуацијата значително се подобри. Имаме 3.000 луѓе на нашите улици кои работат на безбедноста“, изјави Мигел Анхел Перез, владин делегат во Сеута.
48.000 мигранти се вратиле во Мароко, на патот кон европско тло загинаа десетици. Голем дел од повратниците се жалат дека останале без храна и можност да продолжат кон континентална Шпанија и да почнат нов живот во Европа.
„Рекоа дека границата на Шпанија е отворена. Дознав преку социјалните медиуми и од пријатели.“
„Дојдов сама. Никој не ми рече да дојдам. Дојдов да емигрирам, да изградам подобар живот за себе.“
„Имам 14 години и ќе наполнам 15 овој месец. И мојот брат дојде, но веќе си замина. Сега моите родители ми велат да се вратам затоа што нема ништо тука.“
Масовната миграција предизвика тревога низ Европската Унија, а 22 земји-членки заеднички побараа координирана акција за заштита на надворешните граници. Ирска, која во моментов претседава со ЕУ, за во вторник свика итен состанок на министрите за внатрешни работи на блокот. Шпанскиот премиер Санчез, ја критикуваше одлуката на одредени земји – членки да ги вратат контролите на границите со Шпанија за еден месец. Сеута, заедно со Мелиља, ги претставува единствените копнени граници на Европската Унија со африканскиот континент.
Маријана Димовска
