Илинден одбележан и во струшко Ташмаруништа
Во струшкото село Ташмаруништа, каде споменот на настаните од 1903-та година се чува со особена почит, традиционално се одржа коњички марш и беше оддадена почит на загинатите илинденци. Премиерот Христијан Мицковски положи свежо цвеќе пред спомениците, а меѓу учесниците имаше и гостин од Австрија, кој облечен како комита уште еднаш покажа дека илинденскиот дух ги обединува луѓето без разлика од каде доаѓаат.

Австриецот Рикардо Гартнер и годинава беше дел од коњичкиот марш по повод Илинден во струшкото село Ташмаруништа. Облечен како комита, рамо до рамо со војводите и комитите, им оддаде почит на илинденците, покажувајќи дека споменот на Илинден ги поврзува луѓето без разлика од каде доаѓаат.
Рикардо е од Австрија, но е оженет со вевчанка. Го научил македонскиот јазик, го зборува течно и не пропушта да биде дел од чествувањето на Денот на републиката.
„Знаеме дека е голем државен празник. И лани бев овде, а денес сум комита. Повеќепати доаѓаме во Македонија, а секое лето остануваме по еден месец на одмор. Жена ми е Македонка, од Вевчани, дома зборуваме македонски и слушаме македонски песни“, изјави Рикардо Гартнер од Австрија.
Во рамки на манифестацијата беше положено свежо цвеќе пред споменикот „Двата Илиндена“, а почит на загинатите борци им оддадоа бројни делегации. На свеченоста присуствуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
За жителите на струшките села, кои во 1903-та година ја почувствувале суровоста на Илинденското востание, кога многу населени места биле запалени и разурнати, Илинден е светост.
„За нас Илинден е нешто свето и нешто најголемо во нашиот крај, затоа што Ташмаруништа ја дала најголемата жртва на овие простори. Целото село било запалено во 1903 година. Дваесет и седум востаници од Ложани и Драслајца загинале токму овде, на ова црковно место. Од другата страна се погребани жените и децата кои биле запалени во своите домови“, изјави Кире Филипоски, претставник на културната манифестација „Илинден – Ташмаруништа“.
„Едноставно, на овој начин сакаме да им оддадеме достојна почит на нашите предци кои се бореле за слободата на Македонија, за денес да имаме своја слободна држава, слободно да се движиме, да живееме и да го имаме своето парче земја“, рече Илче Жупаноски, основач на Илинденскиот марш во Ташмаруништа.
Ташмаруништа 75 години непрекинато го чува споменот на Илинден и загинатите илинденски востаници.
Соња Рилковска
