„Фер туризам со пријавен данок“ – УЈП ги засилува контролите
Во екот на туристичката сезона, Управата за јавни приходи ја почна кампањата „Фер туризам со пријавен данок“. Целта е поголема даночна дисциплина кај станоиздавачите, спречување на нелојалната конкуренција, намалување на сивата економија во туристичкиот сектор...

Илјадници туристи летово одмараат во приватни апартмани, станови, куќи и вили. Станоиздавачите остваруваат приходи, но дел од нив не ги пријавуваат, затајувајќи данок. За да се намали сивата економија во туризмот, Управата за јавни приходи ја започна кампањата „Фер туризам со пријавен данок“, со која ги повикува сите кои сместуваат гости, навремено да го пријават доходот и да го платат данокот.
„Кампањата „Фер туризам со пријавен данок“ на Управата за јавни приходи е наменета да создаде фер и еднакви можности за сите. Сите даночни обврзници да бидат даночно усогласени, навремено и точно да ги пријават своите приходи и да го платат данокот. Управата за јавни приходи им стои на располагање на сите граѓани. Ги повикуваме сите на кои им се потребни информации, помош или поддршка да се обратат во просториите на Управата“, изјави Весна Николоска Ристевска, координатор на УЈП – ПЕ Охрид.
Пријавувањето на доходот се врши електронски преку системот „е-Даночни услуги“,рокот за пријавување е до 10-ти во месецот за претходниот месец, а плаќањето на данокот до 15-ти.
„Управата за јавни приходи за таа цел има изготвено брошура со која даночните обврзници се запознаваат со своите обврски и со начинот на пријавување. Исто така, на веб-страницата на Управата е достапен и калкулатор преку кој самите можат да го пресметаат данокот. Најново е тоа што изготвивме и видео-водич кој е достапен на Јутјуб-каналот на УЈП“, додаде Весна Николоска Ристевска, координатор на УЈП – ПЕ Охрид.
Под лупа летово е приватното сместување. Освен едукација, Управата за јавни приходи најавува засилени контроли и санкции. Во Охрид има околу 3.500 регистрирани станоиздавачи, но има дел кои издаваат без да се воопшто категоризирани.
Соња Рилковска
