евроинтеграции

Муцунски за МИА: Работиме на одржливо решение, кое нема повторно да создава ризици да бидеме во ситуација во која се наоѓаме сега

03.08.2026 15:14

„Работиме на трајно и одржливо решение за одблокирање на евроинтегративниот пат кое нема повторно да создава ризици да бидеме во ситуација во која сме сега, вели во интервју за МИА шефот на дипломатијата Муцунски. Посочува дека се водат разговори, но, детали со јавноста не се споделуваат. Уверува дека постојат јасни црвени линии за кои се преговара. Не постои земја во светот во која министер јавно кажува дека води разговори за судбината на државата, но тие се тајни, реагираа социјалдемократите.

Се водат разговори за деблокирање на европскиот пат, но под радарот, далеку од очите и ушите на јавноста, зашто доколку биде споделена содржината, процесот ќе биле осуден на неуспех, вели шефот на македонската дипломатија. Сепак, Муцунски истакнува дека има разлика помеѓу оваа влада и претходните, бидејќи нема попуштање за утврдените црвени линии и за прашањата, поврзани со идентитетот, историјата, јазикот и културата.

За ова прашање е потребен политички консензус со опозицијата, додава Муцунски не изоставајќи ја критиката кон СДСМ и ДУИ за нивната попустливост и немањето капацитет далекусежно да се согледаат последиците од она што е направено во 2021 и 2022 година, поради што сега сме доведени во оваа позиција.

Во која земја во светот ресорниот министер јавно кажува дека води тајни разговори за судбината на државата, прашаа социјалдемократите. За каква попустливост говорат кога премиерот го нарече Преспанскиот договор ремек-дело на дипломатијата, а претседателката Сиљановска-Давкова дека националниот идентитет, јазикот и културата се целосно заштитени и апсолвирани, а министерот Муцунски дека НАТО е одлична работа. Владата предводена од СДСМ јавно и транспарентно ги водеше сите процеси, велат од СДСМ.

„Како може иднината на Македонија да биде тајна за нејзините граѓани? Претходната влада на СДСМ, покрај дипломатските успеси (НАТО и почеток на преговорите со ЕУ), беше пред сè транспарентна. Не работеше зад затворени врати и далеку од очите на јавноста. Единствена „тајна“ беше лажната пропаганда на ВМРО и Латас – истата што продолжува и денес“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во однос на позициите на земјата на патот кон ЕУ, Муцунски во интервјуто за Националната информативна агенција посочи дека државата напредува во делот на реформите, но дека предизвикот со Бугарија, којшто е вештачки предизвикан, останува.

Фиљана Кока