САД и Иран на нова рунда преговори
САД и Иран на нова рунда преговори. Трамп го одложи најавениот напад, тврдејќи дека има напредок за Ормускиот теснец и можен договор за иранската нуклеарна програма. Техеран сигнализира поинаку-возвраќа дека не преговара со Вашингтон и дека теснецот нема да функционира како пред војната...

САД и Иран на нова рунда преговори, откако Вашингтон ја одложи наредбата за нови напади. Трамп вели дека лидерите од Заливот помогнале во деескалацијата на ситуацијата, изразувајќи уверување дека се постигнати договори за повторно отворање на Ормускиот теснец и дека ќе следи договор за нуклеарната програма на Исламската република. Тој не ја исклучи можноста за продолжени напади.
„Сојузниците побараа да се откажеме, а причината е верувам затоа што има договор. Има договор за Ормускиот теснец, а потоа ќе има и за нуклеарното оружје. Сега она што го правиме е дека разговараме со нив во форма на преговори. Ќе видиме како ќе биде. Подготвени сме да продолжиме кога сакаме. Не сакам да убивам луѓе. Ќе видиме дали можеме да постигнеме договор за денуклеаризација“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Техеран дециден – Ормускиот теснец нема да функционира како пред војната. Иран соопшти дека не води разговори со САД, туку преговара со Оман, и тоа за привремена безбедна рута низ теснецот, но не и за негово целосно отворање.
„Во моментов не водиме преговори со САД. Разговорите ги водиме со Оман и тие се насочени кон постигнување договор за рута што ќе овозможи безбедно одвивање на поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец. Нашата цел е што поскоро, во консултација и соработка со Оман, да договориме привремена рута со која ќе ја обезбедиме безбедноста на пловидбата во теснецот. Сè додека продолжуваат сегашните дејствија на САД, додека трае поморската блокада врз Иран и американската воена агресија против Иран и неговите интереси, нема да има значителна промена во ситуацијата во теснецот“, изјави Есмаил Багеи, портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран.
Багеи додаде дека има блиски односи со Кина, кои според Техеран ја споделува загриженоста за зголемените тензии во регионот. Ја критикуваше и израелската политика во Газа, Западниот Брег и Либан откако Тел Авив продолжи со нападите. Во меѓувреме Американската Централна команда во рамки на блокадата кон Иран соопшти дека ноќеска од носачот „Абрахам Линколн“ полетале ловци Ф-35Ц и пресретнала 35 комерцијални бродови, од кои два биле онеспособени, а два претресени. Истовремено, Британската поморска трговија пријави инцидент во близина на брегот на Оман.
Бојана Крстевски
