Партии

Обвинувања по илинденскиот говор на Мицкоски

03.08.2026 14:31

Илинден помина, испратените пораки и натаму ја брануваат политичката сцена. Опозицијата го обвини премиерот Мицкоски дека и на Денот на Републиката ширел поделби, нарекувајќи ги „талог“ сите оние кои не мислат како него. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат – борбата се води и надвор и дома, против политичките гарнитури кои шират дефетизам и се подготвени на предавства.

Илинден помина – наместо обединување, празникот донесе нови поделби. Опозициската СДСМ смета дека виновник за ова е премиерот Мицкоски, кој во говорот одржан на Пелинце повторно неистомислениците ги нарекол „талог“ на општеството.

„Кој е тој „талог“ според Мицкоски? Сите што не мислат како него. Сите што ја разобличуваат неговата политика. Сите што бараат Европа, правда и одговорност. На денот кога треба да се слави државноста и единството, Мицкоски повторно сее поделба. На денот кога треба да се зборува за иднината, тој повторно напаѓа. Ова не е патриотизам, ова е политичка омраза облечена во празничен говор“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат, СДСМ се препозна во говорот на премиерот Мицкоски како „талог“. Од партијата ги повикуваа граѓаните да не паѓаат во замката на „талогот“, кој за власт се бори со предавства, а не со победа на избори и натпревар со добри идеи и програми.

„Освен надвор, борбата треба да ја водиме и дома, затоа што во државата имаме политички гарнитури кои за власт се спремни да распродадат се што останало од националните обележја, тоа што нивните претходници не успеаја да распродадат. И така, чекајќи некој да ги донесе на власт во замена за нови предавства, создаваат хистерија, шират лаги, омраза и дефетизам“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Мицкоски во илинденскиот говорот повика на обединување, но посочи и дека за разлика од претходниците, тој нема никогаш да го прифати нивното однесување на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот европски пат и оти никогаш нема да изврши предавство на штета на државата и на народот.

Игор Панов