Здравство

Нема нови потврдени случаи со западнонилска треска, ситуацијата се следи

03.08.2026 17:16

За шестмина болнички згрижени во текот на викендот се чекаат лабораториските анализи, дали се заразени со западнонилска треска. Од Здравство велат нема нови потврдени случаи. Од десетте хоспитализирани со инфекција, тројца сè уште се со респираторна поддршка. Епидемиолозите предупредуваат регистрираните се само видлива слика, има асимптоматски случаи, бројката на заболени е поголема

Шестмина сомнителни случаи со западнонилска треска се хоспитализирани на Инфективна последните 48 часа. Сите имаат вирусно воспаление на мозокот и клиничката слика што одговара на инфекцијата. Пациентите се на над 60 годишна возраст, не патувале надвор од државата и се од скопје, од населени места каде веќе има потврдените случаи.

Непроменета е и здравствената состојба на тројцата пациенти кои се на респиратор. Досега има 10 потврдени случаи.

„До Институтот за јавно здравје не се пристигнати нови лабораториски потврдени случаи. Последните примероци од суспектните случаи се негативни на pcr-тестирањето“, соопштија од Здравство.

Ако само еден процент од инфицираните со западнонилска треска развиваат тешки компликации, тогаш бројот на заболени е многу поголем – објаснува инфектологот Вело Марковски. Климатските промени доведоа до појава до вектори кои на овие простори не биле присутни во минатото и потребно често прскање против комарци.

Инфектолозите апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од убод од комарци. Да користат средства, да носат облека со долги ракави, да постават мрежи на прозорците и да ја отстранат застојаната вода во околината каде што комарците се размножуваат. 

Наташа Гркова Петрушевска