Стабилна епидемиолошката состојба во Гостивар, градот и натаму без вода за пиење поради присуство на бактерии
Водата во Гостивар и натаму со бактерии. Не е безбедна за пиење. Власта побара трпение од жителите, опозицијата се сомнева дека поради хиперхлорирањето не треба да се користи ниту за капење.

Забраната за пиење на водата во Гостивар и по повеќе од 15 дена сè уште на сила – неизвесно е кога жителите ќе можат да ја изгасат жедта од чешмите во нивните домови. Квалитетот на водата во системот се подобрува, нема фекални, но и натаму има присуство на други бактерии. Кризниот штаб бара трпеливост од граѓаните, се прават напори да се надмине проблемот.
„Водата во Гостивар сè уште не е за пиење, секојдневните анализи покажуваат дека состојбата благо се подобрува, хиперхлорирањето продолжува и понатаму, но за жал во водата сè уште се присутни бактерии коишто ја прават неподобна, ризична за пиење. Затоа апелирам до граѓаните на Гостивар да не ја користат за пиење ниту за готвење водата од градскиот водовод, да се стрпат уште неколку дена, очекуваме наредната недела состојбата целосно да биде ставена под контрола“, изјави Стојанче Ангелов – директор од Центарот за управување со кризи и член на Кризниот штаб.
СДСМ го бара документот со кој се дозволи водата да се користи за техничка употреба. Партијата смета дека водата поради хиперхлорирањето не треба да се користи ниту за капење.
„Додека концентрацијата на хлор е висока, водата не смее да се користи ниту за капење. Високото ниво на хлор предизвикува иритација на кожата, очите и дишните патишта особено е опасно при топол туш. Сè уште не знаеме кој потпишал дека водата е технички исправна и безбедна за капење. Ако некој го потпишал тоа, а сега се докаже дека водата не била ни технички исправна, тој мора кривично да одговара“, изјави Маја Борозан.
За случајот во Гостивар институциите постапуваат навремено и истрагата веќе утврдува одговорност, велат од ВМРО – ДПМНЕ. Оттаму повикаа да не се шират паника и хистерија.
„За случајот со водата за пиење во Гостивар се води постапка, истрагата е во тек, се испитува целата документација и целиот случај, а најодговорните се приведени. Значи се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот, а во зависност од резултати на направените анализи, навремено се даваат насоки и упатства за граѓаните“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за здравство информира дека епидемиолошката состојба во Гостивар е стабилна. Во последните 24 часа имало 84 нови прегледи, што е за 27 повеќе во споредба со претходниот ден. Сепак, инфектологот д-р Вело Марковски предупредува дека постои ризик од појава на жолтица поради мешање на канализациската со водоводната мрежа.
„Ризик за жолтица за хепатит а постои од првичната епидемија на мешање на канализациона вода со водоводна вода и тоа е инкубација од 15 до 45 дена, но се работи за лесна болест, да не се паничат луѓето. А, тоа што зачудува според мене таа епидемија заврши и требаше да се прогласи завршување на епидемијата. Зошто имаме сега зголемен број на цревни инфекции треба да кажат епидемиолозите, меѓутоа поврзаноста со водоводот веќе треба да заврши“, изјави д-р Вело Марковски – инфектолог.
Водата во Гостивар се користи само за техничка употреба.
Забраната за водата за пиење останува сè додека не се добијат, едно по друго, три исправни резултати. Во Гостивар и натаму се на сила кризната состојба и епидемија.
Андријана Ѓурческа
