топло време

Топлотниот бран не попушта, Македонија пред нови денови со над 40 степени

03.08.2026 18:26

Топлотниот бран се засилува, жешки денови со над 40 степени, тропски ноќи. Краткотрајниот најавен дожд нема да донесе значително разладување. Топлотниот бран го зема данокот, голем број колапси но и мозочни удари. Итната медицинска помош со зачестени интервенции. Лекарите апелираат да се избегнува физичка активност во најтоплиот дел од денот, да се пијат повеќе течности…

Колапси на јавни места, мозочни удари и значително зголемен број на сообраќајни незгоди – ова е билансот од топлотниот бран што ја зафати земјава. Лекарите велат, граѓаните не ги почитуваат препораките и излегуваат во пикот на горештините.

Кога асфалтот врие, а воздухот станува тежок за дишење, да се излезе надвор станува сериозен предизвик. Но, обврските мора да се завршат, велат граѓаните.

Пикот на топлотниот бран ќе биде најизразен наредниот викенд кога синоптичарите прогнозираат температури над четириесеттиот степен.

Горештината нема да попушти дури и кога на места ќе има локално невреме, предупредуваат синоптичарите.

Александра Спировска