Познат можниот ривал на Шкендија за пласман во лигашката фаза на Конференциската лига

04.08.2026 09:00

Вицешампионот од минатата сезона, Шкендија од Тетово, останува единствениот македонски претставник што сè уште е во игра на европската сцена. По елиминацијата на Вардар и Силекс, тетовскиот клуб, како и минатата година, продолжува да собира бодови за подобар коефициент на македонскиот клупски фудбал во рангирањето на УЕФА.

Шкендија го дозна својот можен противник во плејофот за пласман во Конференциската лига, по ждрепката одржана во Нион, Швајцарија. Доколку го елиминира Хибернијан во третото квалификациско коло, Шкендија во плејофот ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Гетеборг (Шведска) и Гент (Белгија) за место во лигашката фаза на натпреварувањето.

Пред точно десет години, Шкендија и Гент се сретнаа во плејофот од Лигата на Европа.

Во меѓувреме, своите можни противници во оваа фаза од Конференциската лига ги дознаа и Дрита, Динамо Сити и Егнатија.

Динамо Сити од Албанија, за кој настапува кумановецот Алиу, во третото квалификациско коло ќе игра против Ауда, додека Егнатија ќе има можност да се најде во оваа фаза само доколку не успее да го елиминира Шамрок Роверс во третото квалификациско коло од Лигата на Европа.