Македонските кошаркари го почнуваат патот кон Евробаскет 2029 со гостување кај Австрија
Македонската машка кошаркарска репрезентација на 30 август ќе ја започне втората фаза од претквалификациите за Европското првенство 2029 со важно гостување против Австрија во Виена.

Ова ќе биде првиот натпревар за избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал во рамките на Групата Ф од втората фаза на претквалификациите, во која се наоѓа и репрезентацијата на Кипар.
Македонија обезбеди пласман во оваа фаза по одличниот настап во првото претквалификациско коло, каде што го освои првото место во групата со шест победи на исто толку натпревари.
Тимот предводен од Берокал е една од 12-те репрезентации кои ќе се борат за четирите места што водат во главните квалификации за Евробаскет 2029.
Победа во Виена значително би ги зголемила шансите на Македонија за освојување на првото место во групата, кое е единственото што обезбедува пласман во главната квалификациска фаза.
Натпреварите од оваа рунда ќе се играат во три квалификациски прозорци - во август и ноември 2026 година, како и во февруари 2027 година.
