Култура

„Охридско лето“ одбележува 66 години: Монографија за Ана Липша-Тофовиќ и роденденски концерт во „Света Софија“

04.08.2026 10:12

Со промоција на монографијата посветена на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ и концерт на израелскиот контратенор Мајан Лихт и полскиот пијанист Пшемек Виницки, денеска ќе биде одбележан 66. роденден на фестивалот „Охридско лето“.

Фестивалот „Охридско лето“ денеска одбележува 66 години од своето основање со две свечени настани во црквата „Света Софија“ – промоција на монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“ и роденденски концерт на светски реномирани музички уметници.

Во 19 часот ќе биде промовирана монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“, дело на авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Александар Трајковски. Изданието е посветено на 100-годишнината од раѓањето на легендарната оперска примадона, која токму на 4 август, со својот солистички рецитал во „Света Софија“, го означи почетокот на фестивалот „Охридско лето“.

Прославата ќе продолжи во 21 часот со концерт на израелскиот машки сопран и контратенор Мајан Лихт, добитник на наградата за најдобар дебитант на Оперските награди во Брисел во 2025 година, во придружба на полскиот пијанист Пшемек Виницки, еден од најнаградуваните млади европски пијанисти.

Организаторите најавуваат вечер исполнета со врвна музичка уметност, со која ќе се одбележи уште еден значаен јубилеј на најреномираниот македонски фестивал.