Сеута во центарот на новата криза

Европа повторно поделена поради мигрантите

04.08.2026 11:16

Од надеж за подобар живот до трагедии на морето – мигрантската криза во Сеута отвори нови поделби меѓу членките на Европската Унија. Министрите на Унијата на итен состанок бараат заедничко решение и посилна заштита на надворешните граници.

Една граница, илјадници мигранти и нова поделба во Европа. Бранот пристигнувања во Сеута ја отвори старата дебата за миграциската политика на ЕУ. Министрите на Унијата на итен состанок бараат заедничко решение и посилна заштита на надворешните граници. Додека дел од лидерите бараат построга миграциска политика, Шпанија ги отфрла критиките и тврди дека социјалните мрежи и дезинформации го поттикнале бранот пристигнувања кон Европа.

„Ја повикувам мароканската влада да истражи и да открие што се случило во врска со тие случувања на социјалните медиуми. Неприфатливо е малолетници да бидат експлоатирани и испратени во смрт, како резултат на активности на социјалните медиуми. И мора апсолутно да се разјасни дека секој што стои зад ова – криминалните организации или секој што го одобрувал или толерирал тоа – ќе мора да одговара“, изјави Маргарита Роблес, министерка за одбрана на Шпанија.

Од надеж за подобар живот до импровизирани засолништа на плажа. Стотици мигранти кои останаа заглавени во Сеута, без доволно место во прифатните центри, чекаат решение од властите.

„Чекаме да се отворат младинските центри и властите да преземат нешто. Луѓето доаѓаат тука за да заработат за живот, а не да си го уништат животот“, вели марокански тинејџер.

„Имавме проблеми со Граничната полиција, со шпанската војска и со полицијата. Беше многу тешко. Во водата имаше многу мртви тела“, вели Абдулах, мигрант.

Зад мигрантскиот бран остануваат и лични трагедии. Загрижени семејства сè уште ги бараат своите најблиски кои исчезнале во обидот да стигнат до Европа.

„Веќе пет дена го барам мојот син. Кога слушна дека границите се отворени, замина со група пријатели. Првиот ден, кога пристигна во Сеута, ме контактираше за да ми каже дека стигнал. Оттогаш, никогаш повеќе не ме контактираше“, изјави Ибтисам Чари, мајка на мигрант.

Сè уште нема точна бројка колку мигранти влегле во Сеута. Проценките значително се разликуваат – од 40 до 80 илјади лица. Според шпанските полициски извори, над 73 илјади веќе ја напуштиле енклавата, а 72 лица го загубиле животот во потрагата за подобра иднина. Кризата веќе предизвика политички последици во Европа. Италија привремено воведе контроли кон Шпанија во рамките на Шенген, а неколку земји побараа построг пристап кон миграцијата.

Бојана Крстевски