Топлотен бран

ИЈЗ: Избегнувајте сонце од 11 до 17 часот, почитувајте ги мерките

04.08.2026 10:44

Поради најавените високи температури до 7 август, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги повика граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран. Најризичен период е од 11 до 17 часот, а особено внимателни треба да бидат постарите лица, децата, бремените жени и хронично болните.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце и физички активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога ризикот од топлотен удар е најголем.

Од ИЈЗ предупредуваат дека високите температури можат да предизвикаат слабост, вртоглавица, гадење, грчеви, прекумерно потење, а во потешки случаи и престанок на потење, конфузија, отежнато дишење, губење на свеста и животозагрозувачки состојби.

Најранливи се лицата над 60 години, децата, бремените жени, работниците на отворено, социјално ранливите категории, како и лицата со хронични заболувања, особено кардиоваскуларни, белодробни и бубрежни болести, дијабетес и други состојби.

Институтот препорачува престој во климатизирани простории, носење лесна и светла облека, редовен внес на вода и избегнување алкохол, кофеин и тешка храна. Дополнително, се советува никогаш да не се оставаат луѓе или деца во паркирани возила, бидејќи температурата во нив за кратко време може опасно да се зголеми.

Доколку се појават симптоми како силна жед, главоболка, зашеметеност или мускулни грчеви, потребно е лицето веднаш да се премести на поладно место, да се рехидрира и, ако состојбата не се подобрува, да побара лекарска помош. Во случај на губење на свеста или сомнеж за топлотен удар, ИЈЗ препорачува веднаш да се повика Итната медицинска помош на 194 или бројот за итни случаи 112.