Напредува модернизацијата на МИПС: Успешно заврши првиот циклус тестирање на новиот платен систем
Народната банка успешно го заврши првиот циклус тестирање на новото системско решение за Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), што претставува значаен чекор кон модернизација на националната платежна инфраструктура. Новиот систем, кој се развива со поддршка од Европската Унија, ќе овозможи побрзи, побезбедни и поефикасни платежни услуги според европските стандарди.

Во текот на јули 2026 година, Народната банка, заедно со банките и останатите учесници во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), успешно го реализираше првиот циклус тестирање на новото системско решение. Со тестирањето е потврдена функционалноста на системот и неговата подготвеност за следните фази од имплементацијата.
Во рамки на тестирањето успешно беа обработени најголемиот дел од платежните пораки предвидени со проектот, согласно меѓународниот стандард ISO 20022.
По завршувањето на тестирањето, во Народната банка се одржа работен состанок со учесниците во МИПС, на кој беа презентирани резултатите од досегашните активности, разгледани беа прашањата што се појавија во текот на тестирањето и беа усогласени следните чекори за успешно спроведување на проектот.
Директорката на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, Биљана Доновска-Гечева, истакна дека во наредниот период ќе продолжат активностите за финализирање на тестирањата и подготовката за воведување на новото системско решение во редовна употреба.
Со воведувањето на стандардот ISO 20022 ќе се овозможи размена на поквалитетни и побогати податоци во платниот промет, поефикасна автоматска обработка на плаќањата, поедноставни контроли и поголема усогласеност со стандардите на Европската централна банка и европските платни системи.
Проектот „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“, финансиран од Европската Унија, покрај модернизацијата на МИПС, предвидува и воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики, со што дополнително ќе се зајакнат институционалните капацитети на Народната банка.
