МВР

Речиси 21.000 сообраќајни прекршоци во јули, приведени 496 возачи за безобѕирно возење

04.08.2026 12:19

Во текот на јули полициските службеници изрекле 20.976 санкции за сообраќајни прекршоци, а 496 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило. Најголем дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на брзината и неправилно паркирање.

Во периодот од 1 до 31 јули, полициските службеници на територијата на целата држава констатирале 20.976 сообраќајни прекршоци, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.

Од вкупниот број издадени платни налози, дури 4.241 се однесуваат на возачи кои ја пречекориле дозволената брзина.

Во текот на месецот, поради безобѕирно управување со возило биле лишени од слобода 496 лица. Од нив, 373 управувале без возачка дозвола, 81 биле под дејство на алкохол, 25 возеле и покрај изречена забрана, 16 поради екстремно пречекорување на брзината, а едно лице било приведено за возење во забранет правец.

Според МВР, во јули биле одземени и 332 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.

Евидентирани се и 4.694 прекршоци за неправилно паркирање, како и 430 санкции за возење под дејство на алкохол. Дополнително, санкционирани се 2.073 мотоциклисти поради неносење заштитен шлем, 1.829 учесници во сообраќајот поради некористење сигурносен појас, а од сообраќај биле исклучени 299 нерегистрирани и 125 технички неисправни возила.

Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период, со апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за поголема безбедност на патиштата.