Нивото на Дунав - проблем за нуклеарните централи
Продолжената суша и топлотниот бран предизвика сериозни потешкотии во Европа. На реките е забележан рекордно низок водостој. Нивото на Дунав ги стави во опасност хидро и нуклеарните централи. Државите преземаат мерки за штедење на вода...

Нискиот водостој на реките во Европа предизвика прекини во транспортот и создаде и сериозен притисок врз енергетскиот сектор, отежнувајќи ја работата на одредени нуклеарни централи. Романската армија минираше карпи за да го расчисти коритото и да ја спаси нуклеарката „Чернавода“.
„Она што е постигнато во последните неколку дена со отстранување на овој карпест изданок е трајна придобивка, без оглед на тоа дали го продолжува работењето на нуклеарната централа Чернавода за два дена, четири дена или воопшто не“, изјави Раду Мируца, министер за одбрана на Романија.
Рекордно ниското ниво Дунав го запре сообраќајот во одредени делови во Унгарија и Србија. Унгарските власти размислуваат за исклучување на нуклеарната централа „Пакш“.
„Доколку е потребно, ако намалувањето на доброволната потрошувачка од страна на големите компании не е доволно, мора веднаш да интервенираме и да спроведеме задолжително намалување. Или уште полошо, да се иницира исклучување за одредени индустриски потрошувачи“, изјави Петер Маѓар, премиер на Унгарија.
Властите во Србија упатија апел до граѓаните да штедат вода и електрична енергија поради проблеми со хидроцентралата „Ѓердап“.
„Од суштинско значење е да се одржи стабилноста на енергетскиот систем и да се осигура дека речната пловидба останува функционална“, изјави Ѓуро Мацут, премиер на Србија.
Нивото на Дунав опаѓа и во Бугарија, но властите уверуваат дека двата реактора на нуклеарната централа „Козлодуј“ работат непречено.
„Електраната Козлодуј, сè уште има доволно резерви за правилно ладење на електраната. Повеќе од сигурно е дека секоја земја ќе се обиде да ја заштити сопствената мрежа за пренос на електрична енергија“, изјави проф. Јанко Јанев, експерт за енергетика во Бугарија.
Во Германија, нивото на Рајна достигна историски минимум. Во Холандија, властите се на чекор пред прогласување кризна состојба. Продолжената суша ги намали нивоата на реките и езерата во Англија. Ефектите се чувствуваат и на езерата во евроспките туристички центри. На границата меѓу Франција и Швајцарија, езерото Бренец кое привлекуваше голем број туристи, оваа година речиси целосно пресуши.
Маријана Димовска
