Македонија

Притвор за кратовчанката која нелегално го узурпираше локалитетот „Куклица“

04.08.2026 16:54

Притвор за 41-годишна жителка на Кратово, осомничена дека подолг период бесправно го узурпирала локалитетот „Куклица“, нелегално наплаќала влезници, им се заканувала на посетителите и физички нападнала полициски службеници при обидот да биде приведена.

Притвор за жителката на Кратово која бесправно наплаќаше влезници на локалитетот „Куклица“ и го нарушуваше јавниот ред и мир, со закани и физички напади врз посетителите. Во рамките на последниот таков инцидент, таа ги нападнала и полициските службеници, при обидот да ја легитимираат и приведат. Кумановското обвинителство ја сомничи за узурпација на локалитетот и спречување службени лица во вршење службени дејствија.

„Осомничената подолг период и покрај сите досега преземени мерки, продолжува да го узурпира локалитетот Куклица, кој со указ е прогласен за споменик на природата, да им наплаќа влезници на посетителите без правен основ, да се расправа со нив и да им се заканува, со што постојано го нарушува јавниот ред и мир“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство во Куманово.

Се додава дека за осомничената, веќе се води постапка за продолжено кривично дело, узурпацијата на „Куклица“, но таа не ја почитувала изречената мерка, забрана за посета на локалитетот. Претходно, заедно со сопругот учествувале и во спречување на пазарните инспектори во извршувањето на службените дејствија.

Од тие причини кои укажуваат на опасност од бегство, но и на јасна тенденција осомничената да продолжи да врши кривични дела, прифатен е предлогот на јавниот обвинител за определување на притворска мерка, информираат од Обвинителството.

Четириесет и едногодишната кратовчанка беше приведена вчера, откако физички нападнала повеќе посетители на локалитетот, а потоа и полициските службеници.

Марија Котовска