Охридско лето вечерва слави 66 години постоење
Роденденскиот концерт во „Света Софија“ почнува во 21 часот, а ќе настапи и Мајан Лихт, еден од најперспективните контратенори на денешнината и добитник на наградата „Најдобар дебитант“ на Оперските награди во Брисел за 2025 година

Охридско лето вечерва ќе одбележи 66 години постоење и тоа со концерт на израелскиот контратенор Мајан Лихт, како и со настап на полскиот пијанист Пшемек Виницки. Исто така, во рамки на Охридско Лето, вечерва ќе биде промовирана и монографијата „Ана Липша-Тофовиќ.
Монографијата од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Александар Трајковски, истакнати публицисти и музички педагози, ќе биде промовирана од 19.00 часот во црквата „Света Софија“, каде што на 4 август 1961 оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ со својот солистички рецитал го означи почетокот на фестивалот.
Изданието е посветено на 100 години од нејзиното раѓање.
Роденденскиот концерт во „Света Софија“ почнува во 21 часот. Ќе настапат Мајан Лихт, еден од најперспективните контратенори на денешнината и добитник на наградата „Најдобар дебитант“ на Оперските награди во Брисел за 2025 година, и полскиот пијанист Пшемек Виницки, кој настапувал во престижни концертни сали низ Европа и соработувал со бројни симфониски оркестри.
