Македонија

Пожарот кај Кавадарци ставен под контрола, се очекува целосно да биде изгаснат до крајот на денот

04.08.2026 13:53

Пожарот во кавадаречко, кој вчера беше најтежок за интервенција меѓу околу 30-те пожари на отворено низ државата, е ставен под речиси целосна контрола. Надлежните очекуваат до крајот на денот огнената стихија целосно да биде локализирана.

Пожарот во кавадаречко е ставен под речиси целосна контрола и се очекува до крајот на денот целосно да биде изгаснат. Ова на заедничка прес-конференција го соопштија директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Ангелов истакна дека станува збор за исклучително тежок и комплексен пожар на непристапен и стрмен терен, поради што во гаснењето биле ангажирани три ер-трактори, армиски и полициски хеликоптер, како и голем број пожарникари и механизација на терен.

Според него, координираната акција на локалните пожарникари, доброволните противпожарни друштва, општината и државните институции овозможила пожарот да биде ставен под контрола.

Градоначалникот Јанчев информираше дека пожарот избувнал на 2 август на неколку различни локации во атарот на селата Раец, Дреново и Ќесендре, што, како што рече, укажува на сомнеж дека бил подметнат.

Тој посочи дека во текот на ноќта Кризниот штаб донел план за пресекување на огнената линија со тешка механизација, а денеска на терен се ангажирани пожарникари од Кавадарци и Неготино, доброволци, полиција, комунални служби, три ер-трактори и друга механизација. 

Јанчев нагласи дека благодарение на навремената и координирана реакција не е дозволено пожарот да зафати високостеблеста шума, ниту да бидат загрозени населението и имотите, изразувајќи благодарност до сите институции и граѓани кои учествувале во гаснењето.