Македонија

Политички реакции по Илинден: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања

04.08.2026 16:36

Продолжуваат политичките обвинувања по говорот на премиерот Христијан Мицкоски за Илинден. СДСМ оцени дека говорот бил исполнет со навреди, додека ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата. Во исто време, министерот Муцунски порача дека се водат разговори за напредок во односите со Бугарија.

Од СДСМ реагираат на говорот на премиерот Мицкоски за време на Илинденските празници. Велат говорот бил полн со омраза и навреди и повторно ја продолжил својата политика на поделби, омраза и навреди. Според СДСМ, Мицкоски повторно своите сограѓани ги нарече „талог“.

Во однос на настапот на Муцунски, од СДСМ повторија дека тие во него немаат доверба и не го гледаат како министер за надворешни работи, туку како извршител на погубните политики на Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението коментираа-СДС се препозна и се прогласи за талог на општеството, а еден од основоположниците на тој талог е токму нивниот неуспешен амбасадор Жерновски.

„Токму тој Жерновски е талогот на општеството, кој е дел и основач на системот во државата, кој 20 години е на државна сметка и ја цица државата и беседи како тоа државата не му се допаѓа и како тоа системот треба да се промени. Системот беше досега таков, затоа што со децении лица како Жерновски, Заев и Филипче го крадеа и уништуваа. Ликови како овие тројца, ја продаваа државата и ја понижуваа на секој можен начин“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Муцунски во интервју потенцира дека во фокусот е прашањето за односите со Бугарија. Тој открива дека од формирањето на Владата континуирано се работи под радар на изнаоѓање решение што би го отворило патот за почеток на преговорите со Европската унија. Притоа нагласува дека разговорите не можат јавно да се коментираат бидејќи тоа би ги компромитирало.

Игор Панов