Струмица

Вечерва почнува „Астерфест“, награда „Астер“ за Синоличка Трпкова

04.08.2026 19:00

Со свечено отворање во Амфитеатарот во Струмица вечерва започнува Меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“. На актерката Синоличка Трпкова ќе ѝ биде врачена наградата „Астер“ за придонес во филмската уметност, а публиката ќе има можност бесплатно да проследи богата програма со краткометражни и документарни филмови до 8 август.

Меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“ вечерва, со почеток во 20:30 часот, ќе биде свечено отворен во Амфитеатарот во Струмица. На отворањето, актерката Синоличка Трпкова ќе ја прими наградата „Астер“ за придонес во филмската уметност.

Првата фестивалска вечер ќе понуди проекции на 10 краткометражни филмови од интернационалната натпреварувачка програма, меѓу кои и оскаровецот „Девојчето што ронеше бисери“ во режија на Крис Левис и Мациек Шчербовски. Потоа ќе биде прикажан британскиот документарен филм „Версус: животот и филмовите на Кен Лоуч“, во режија на Луис Осмонд.

Фестивалската програма продолжува утре со филмска посета на манастирот во Велјуса, а вечерта ќе бидат прикажани уште седум краткометражни филмови, меѓу кои и две македонски остварувања. Следува и проекција на долгометражниот филм „Железна тврдина“ на режисерот Митко Панов, македонско-швајцарско-американска копродукција.

„Астерфест“ ќе трае до 8 август, а влезот за сите фестивалски проекции е слободен. Меѓународното стручно жири го сочинуваат Теа Китаришвили, Бернард Дичек и Ана Витанова-Рингачева. Фестивалот е поддржан од Општина Струмица и од Агенцијата за филм на Северна Македонија.