Нов сомнителен случај на западнонилска треска, тројца во критична состојба
76-годишен скопјанец е примен на Инфективната клиника со симптоми што укажуваат на западнонилска треска. Во моментов има седум сомнителни и 13 лабораториски потврдени случаи, а тројца пациенти се лекуваат на интензивна нега и се во критична состојба.

Уште еден пациент со вирусно воспаление на мозокот кое укажува на западнонилска треска е хоспитализиран на Инфективната клиника. Станува збор за 76-годишен скопјанец, кој не престојувал во странство. Бројот на сомнителни случаи се искачи на седуммина. Иако кај дел од нив ПЦР – тестовите се негативни, сепак инфектолозите велат тоа не го исклучува присуството на вирусот и така ги третираат. Ќе им бидат направени и дополнителни лабораториски испитувања.
„ПЦР тестот може да биде негативен, но тоа не исклучува присуство на болеста, бидејќи ПЦР може да детектира присуство на вирусот во рана фаза на болеста. Кај овие пациенти потребни се дополнителни испитувања кои треба да се направат, серозлогија на присуство на вирусот во ликвор. Тоа сепак е дијагностичка постапка која трае неколку дена“, рече д-р Фадил Цана – директор на Клиниката за инфективни болести.
На Инфективната клиника со лабораториска потврда на западнонилска треска се 10-мина пациенти, од нив тројца се на интензивна нега и сè уште се во критична состојба.
Сите се над 60-годишна возраст и имаат други хронични заболувања кои според инфектолозите придонеле за влошување на здравствената состојба.
Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Годинава се регистрирани најголем број случаи, инфекцијата е потврдена кај вкупно 13 пациенти.
Андријана Ѓурческа
