Македонија

Тошковски: Водата во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење, продолжуваат контролите

04.08.2026 16:27

Водата од гостиварскиот водовод и натаму не е безбедна за пиење и може да се користи само како техничка вода, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Надлежните ќе продолжат со почести анализи.

Водата од водоводната мрежа во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење и треба да се користи исклучиво како техничка вода, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по состанокот на Кризниот штаб.

Тошковски информира дека е договорено да се интензивираат испитувањата на квалитетот на водата, при што повеќе институции ќе вршат почести мерења.

„Штом ќе имаме три последователни резултати што ќе потврдат исправна вода за пиење на сите мерни точки во градот, ќе ги известиме граѓаните дека водата е безбедна и за пиење“, рече Тошковски.

До тогаш, ќе продолжи дистрибуцијата на флаширана вода за пиење. Според министерот, во изминатите денови во Гостивар се доставени околу 580.000 литри вода, обезбедени од Владата, општествено одговорни компании и други општини.

Од „Водовод“ велат дека во одреден дел од примероците е констатирана бактеријата псеудомонас, која најчесто се јавува како биофилм во цефководниот систем, најчесто од застоена вода.