Мигрантска криза

Заштитата на границите-приоритет за ЕУ

04.08.2026 19:44

Кризата со емигрантите во Шпанија, во која загинаа над 80, ја подели Европската Унија. На итен состанок, Италија смета дека сега е време во практика да се спроведат новите модели на центри за враќање во безбедни трети земји. Настаните во Сеута претставуваат прва голема проверка за Пактот на ЕУ за миграции, кој стапи во сила во јуни по повеќегодишни преговори.

Една граница, илјадници мигранти и нова поделба во Европа. Бранот пристигнувања во Сеута ја отвори старата дебата за миграциската политика на ЕУ. Додека дел од лидерите бараат построга миграциска политика, Шпанија ги отфрла критиките и тврди дека социјалните мрежи и дезинформации го поттикнале бранот пристигнувања кон Европа.

„Изминатите неколку дена беа тест за нашата отпорност, тест за безбедноста на нашите надворешни граници. Треба да ја искористиме нашата моќ на поефикасен начин, без разлика дали станува збор за трговија, без разлика дали станува збор за визна политика, без разлика дали станува збор за помош за развој. Клучот на ЕУ е да дејствува обединето и да извлече заклучоци од ситуацијата“, изјави Магнус Брунер, еврокомесар за внатрешни работи и миграција.

„За време на овој состанок повторив дека ги зајакнавме граничните контроли на француско-шпанската граница за да ги контролираме секундарните движења. Исто така, одлучивме да ги зајакнеме копнените гранични контроли на француско-италијанската граница“, рече Лоран Нуњез, министер за внатрешни работи на Франција.

„ЕУ во никој случај не е деформирана, ЕУ е многу обединета, а пораката е јасна, сакаме да ја заштитиме нашата надворешна граница на уште подобар начин, така што не можете само да влегувате кога сакате. Мора да биде под контрола на земјите-членки на ЕУ кој доаѓа, кој останува и кој си заминува“, нагласи Мари Рантанен, министерка за внатрешни работи на Финска.

„Апелирам овие проверки веднаш да се укинат, бидејќи не се во согласност со она што сите го изјавија и признаа дека Шенген зоната никогаш не била ниту во најмала опасност“, изјави Фернандо Гранде-Марласка, министер за внатрешни работи на Шпанија.

Од надеж за подобар живот до импровизирани засолништа на плажа. Стотици мигранти кои останаа заглавени во Сеута, без доволно место во прифатните центри, чекаат решение од властите.

„Чекаме да се отворат младинските центри и властите да преземат нешто. Луѓето доаѓаат тука за да заработат за живот, а не да си го уништат животот“, вели марокански тинејџер.

„Имавме проблеми со Граничната полиција, со шпанската војска и со полицијата. Беше многу тешко. Во водата имаше многу мртви тела“, изјави Абдулах, мигрант.

Сè уште нема точна бројка колку мигранти влегле во Сеута. Проценките значително се разликуваат – од 40 до 80 илјади лица. Според шпанските полициски извори, над 73 илјади веќе ја напуштиле енклавата.

Бојана Крстевски