Ормускиот теснец отворен, наскоро можен договор меѓу САД и Иран
Ормускиот теснец е отворен, договорот со Иран може да биде постигнат наскоро, уверува администрацијата на САД. Посредникот Катар објави дека заедно со Оман постигнале напредок во посредувањето меѓу завојуваните страни, но Техеран негира дека почнале преговорите. Од друга страна, израелските удари продолжуваат во Газа и покрај постигнатиот историски договор за разоружување на Хамас...

Јужната рута низ Ормускиот теснец останува слободна и отворена за сите комерцијални бродови што сакаат да транзитираат низ меѓународниот воден пат, објави американската војска. Соопштението следува откако товарен брод беше погоден од неидентификуван проектил покрај брегот на Оман. Ормуската теснина ќе биде отворена многу брзо, или Иран ќе биде силно погоден, дециден е шефот на Белата Куќа.
„Иако работите сè уште се малку несигурни таму, во текот на изминатите неколку дена видовме доста бродови како излегуваат. Очекувам цените на енергијата да се смират, што е добро за целиот свет. Штом теснецот повторно се отвори, има стотици, ако не и илјада бродови кои чекаат да излезат“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.
Посредникот Катар, заедно со Оман работи на постигнување краткорочно решение кое би овозможило враќање на Вашингтон и Техеран на преговарачка маса, и натаму нема на повидок директни разговори меѓу завојуваните страни.
„Нашиот фокус во моментов е на избегнување на ескалација, повторно отворање на теснецот и повторно отворање на вратата за дипломатија“, изјави Маџид ал-Ансари, портпарол на МНР на Катар.
Од друга страна, Газа и натаму е предизвик за мирот на Блискиот Исток. Израелските удари продолжуваат и покрај постигнатиот историски договор за разоружување на Хамас. Премиерот Нетанјаху потврди дека постојат разлики меѓу Израел и администрацијата на Трамп и истакна дека израелските сили нема да се повлечат од нивните сегашни линии сè додека Хамас целосно не го положи оружјето. На истиот став е и „Одборот за мир“.
„Претседателот Трамп и неговиот тим мислат дека можат да го натераат Хамас да се разоружа и демилитаризира Газа, ние го разгледуваме ова. Тие ни испратија нацрт, ние не се согласивме, ги испративме нашите коментари. Цврсто стоиме на нашите интереси безбедносни интереси. Нема да се повлечеме од нашите сегашни линии сè додека Хамас не биде целосно разоружан“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Американскиот претседател изминатата недела тврдеше дека е постигнат договор за разоружување Хамас, меѓутоа милитантната група изјави дека спроведувањето на планот зависи од прекинот на израелските воени операции.
Маријана Димовска
