Холандска вечер на „Охридско лето“: Ниек Бар и Бен Ким вечерва со концерт во „Св. Софија“
Во рамките на Холандската вечер на фестивалот „Охридско лето“, вечерва од 21 часот во црквата „Св. Софија“ ќе настапат виолинистот Ниек Бар и пијанистот Бен Ким, кои ќе изведат дела од Франк, Пуленк и Шуберт.

Фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на виолинистот Ниек Бар и пијанистот Бен Ким, кој ќе се одржи во 21 часот во црквата „Св. Софија“, во рамките на Холандската вечер.
На програмата се дела од Сезар Франк, Франсис Пуленк и Франц Шуберт.
Ниек Бар е еден од најистакнатите холандски виолинисти од помладата генерација, познат по настапите на престижни светски сцени како Берлинската филхармонија, „Концертгебау“ во Амстердам и „Гевандхаус“ во Лајпциг. Победник е на натпреварот „Оскар Бак“ во 2018 година, а настапува како солист со водечки оркестри во Холандија и Европа. Свири на исклучително вредна виолина „екс Форнбаум“, изработена од Карло Бергонци во 1729 година.
Неговиот партнер на сцената, пијанистот Бен Ким, е лауреат на престижниот АРД натпревар во Минхен. Во својата кариера настапувал во најпознатите светски концертни сали, меѓу кои „Карнеги Хол“, „Музикферајн“ во Виена, „Гевандхаус“ во Лајпциг и „Кенеди Центар“ во Вашингтон, соработувајќи со реномирани оркестри и диригенти.
Концертот е дел од богатата музичка програма на годинашното издание на „Охридско лето“, кое и оваа година носи врвни светски уметници пред фестивалската публика.
